Македонскиот првак, Пелистер вечерва (20:45 часот) му гостува на Кјелце во рамките на деветото коло во Лигата на шампиони. Битолчани зад себе го имаат поразот од Пик Сегед (осми) на домашен терен, на кој имаа шанса да дојдат до бод, но примија гол во самиот финиш.
За избраниците на Бранко Ангеловски ова е уште еден тежок дуел во низата. На првата средба во Битола, Пелистер до одреден момент му парираше на фаворитот, но предводникот на тимот вели дека во овој момент – времето е нивниот најголем непријател за да дојдат до подобри резултати.
„Екипата на Киелце е составена од голем број на индивидуалци, кои прават огромна слика на колективна игра. Предводени се од еден од најдобрите тренери во светот. Посебна мотивација за Киелце не треба да имаме, бидејќи во Лигата на шампионите за нас секој натпревар мотивира. За нас секој противник е еднаков на европски шампион. Самиот факт дека парираме во одреден дел од натпреварот за нас е успех. Ни фали нешто што со пари не можеме да го купиме, а тоа е времето. Сигурен сум дека овие натпревари ќе донесат искуство за моите ракометари и во понатамошниот дел на сезоната ќе играме на повисоко ниво и ќе ја радуваат нашата јавност и верните симпатизери.
На првиот натпревар во Битола се обидовме да се прилагодиме на нивната агресивна игра. Во првиот момент беа агресивни, посебно на позициите 2 и 5 и затоа инсистирав на игра „седум на шест“ за да ги спуштиме нивните халфови. Секој натпревар е нова приказна, ќе видиме како ќе отвориме и потоа како ќе играме“, изјави Ангеловски.
За оваа средба во составот ќе бидат Алекс Душебаев и Сичко, а на голот ќе биде и Волф.
„Во овие европски гиганти на секоја позиција играат ракометари од светска класа. Очекувам дека Киелце ќе игра во најсилен состав, ќе играат и Алекс Душебаев и Сичко и ќе бидат најдобриот тим. Да не заборавиме дека на голот се враќа Волф“.