Единствено Јошко Миленкоски и неговиот ПАОК имаа причини за радост по одигрувањето на реванш средбите од 1/16-финалната рунда во европските купови овие два дена. Останатите македонски интернационалци кои со своите клубови имаа евро-настапи, беа елиминирани уште во оваа фаза од натпреварувањето, иако некои како на пример Лувен на Филип Маџунков ги имаа сите предуслови за пласман во осминафиналето, но потфрлија кога беше најпотребно.
Нашиот селектор на клупата на ПАОК го предводеше грчкиот тим до втора победа над хрватски Младост во мечевите од ЦЕВ Купот. ПАОК по победата од 3:0 на гостински терен од пред седум дена, вчера славеше и на домашен терен со истиот резултат и обезбеди пласман во осминафиналето, каде за противник го чека тимот на Милано.
Филип Маџунков и белгиски Лувен изненадувачки беа елиминирани во оваа фаза од ЦЕВ Купот откако дозволија да домашен терен да загубат од белградски Партизан со 1:3, откако веќе на првиот дуел во Белград славеа со 3:0. Мечот отиде во т.н. „Златен Сет“, кој Партизан го доби со 13:15 и сензационално го елиминираше белгискиот тим. Маџинков кој поради повреда две недели беше надвор од терените се врати во составот на Лувен и мечот со Партизан го заврши со 5 поени.
Рибница на Лука Костиќ и вторпат беше поразена од фински АКАА Волеј. Овој пат на домашен терен со 1:3, а нашиот интернационаленц средбата ја заврши со 9 поени. Елиминација со два максимални порази доживеа и Филип Савовски со Војводина. Од нив двапати со по 3:0 подобра беше шпанската екипа Рио Дуеро Сориа. Савовски реванш мечот го заврши со 4 поени.
Екс-репрезентативецот Ристо Николов и неговиот тим Нефелс, пак, беа елиминирани од Челинџ Купот, откако и вторпат загубија од екипата на Фокскон, овојпат дома со 1:3. Николов средбата ја заврши со одлични 9 реализирани поени.