ФК Вардар на својата официјална „Фејсбук“ страница излезе со реакција за дуелот со Струга Трим Лум, потенцирајќи на грешките на судијата Крунослав Ѓоргиев. Мечот заврши 1-3 во корист на гостинскиот состав.
Од таборот на „црвено-црните“ бараат казна за судијата, но и за играчот Згуро за провокацијата на национална основа.
Во целост ви ја пренесуваме реакцијата на Вардар.
„На натпреварот против Струга бевме сведоци на уште едно катастрофално судење и на уште една крајно невкусна националистичка провокација.
Судијата Крунослав Ѓоргиев и фудбалерот на Струга Ванѓел Згуро, се најголемите трагичари на овој натпревар. Првиот поради, пред се ужасната проценка при ситуација на очигледен пенал во корист на Вардар, а Згуро поради нецивилизираната прослава на голот, кога кон клупата на Вардар упати низа на националистички пораки.
Ситуацијата е алармантна. Недозволиви се вакви грешки, вакви пропусти, ваков аматерски пристап, кој одново и одново се повторува. Недозволиво е судија како Крунослав Ѓоргиев кој не само што не досуди очигледен пенал и не досуди директен црвен картон за фудбалерот на Струга, туку и не реагираше ниту на срамната провокација на Ванѓел Згуро, а ниту па на прекршокот направен врз Матеус Лемос. Ова едноставно е недозволиво!
Однесувањето на фудбалерот Згуро, посебно загрижува. За жал, кога ваквите појави не се санкционираат, истите се повторуваат. Да напоменеме дека овој гнасен чин кој Згуро го направи, доаѓа по националистичките испади на навивачите на натпреварот во Чаир, а кои во изминатиов период, драстично зачестија. Сметаме дека е време, да се запрашаме – до кога ваквите испади ќе се толерираат?!
Бараме од ФФМ веднаш да биде казнет судијата Крунослав Ѓоргиев, поради грешките со кои директно му наштети на Вардар, а фудбалерот Згуро, поради националистичкиот испад, веднаш да биде соодветно санкциониран!
Се работи за македонскиот фудбал!
Бараме одговорност“, велат од ФК Вардар.