Лазаров: Дајте му ја Македонија на Јакобсен, а јас ќе ја земам Данска – па да видиме кој е подобар тренер!

15075

Селекторот на македонската ракометна репрезентација и тренер на Алкалоид, Кирил Лазаров во интервју за „Моцарт“ зборува за моменталната состојба на репрезентацијата и ракомет, за македонскиот вицепрвак, за она во што треба да се вложува за да овој спорт има светла иднина.

„Алкалоид и Мулти Есенс вложуваат во македонските деца, им даваат шанса. Имаме седум кадетски репрезентативци во вториот тим. Проектот го поддржува нашиот претседател Живко Мукаетов. Тој се бори за својата држава, за идентитетот на Македонија. Кога игра Пелистер, за него навива Битола, Вардар си има свои навивачи, а кога игра Алкалоид… Нашиот проект настана кога увидовме дека мојата генерација во репрезентацијата на Македонија нема достојни наследници. Секоја чест за другите клубови, ама повеќе шанса даваат на странците. Тоа е стратегија, почитуваме, ама ние имаме поинаков концепт. Како ќе направиме резултат за Македонија, ако немаме наш проект кој им дава шанса на нашите деца?

Лично мене овој проект ми се допаѓа. Секако, не може да се знае што ќе биде во иднината. Јас сакам да ѝ дадам нешто на Македонија и како тренер, како во репрезентацијата, така и во клубот. Ќе видиме колку време ќе биде потребно. Јас сум Македонец, сакам да работам за клуб од својата држава“, вели Лазаров.

На прашањето колку може новата Македонија, тој го потенцира она што е чиста вистина. На играчите им требаат силни натпревари за да процесот на подготовка за едно големо натпреварување биде полесен, а нашиот тим да изгледа подобро.

„Ни недостигаат играчи од силни европски клубови, мора многу да се работи и на психологијата за да им се влее верба, но мислам дека сме на добар пат. Не знам колку време ќе потрае. Сакам да победувам, верувам во невозможното, не сакам да се откажам, но реалноста е поинаква. Секогаш е послатко кога го правиш тоа со својата земја. Кој е најдобриот селектор на светот? Сигурно Данецот Николај Јакобсен три пати по ред го освојуваше Светското првенство. Дајте му ја Македонија, а јас ќе ја земам Данска. Дајте му 14 дена да работи, дајте ми два тренинга, па да играме, да видиме кој е подобар тренер. Дајте ми го вистинскиот тим, со вистинските играчи кои доаѓаат од силни клубови, се ќе биде полесно. Се ценам себеси и мојата работа, на некои им се допаѓа, на некои не. Верувам во тој процес. Јас сум човек од крв и месо. Може да ме погодат критиките, оправдани или не, или кога ме навредуваат, но тоа трае кратко. Утре се будам и веќе заборавам. Да се ​​сменат навиките и менталитетот е најважно, но и најтешко“.

Лазаров коментираше и за успехот на Вардар во Лигата на шампиони замерувајќи дека тогаш овој клуб воопшто не градеше своја школа поточно дека во младинскиот погон не се работеше како што треба.

„Му се восхитувам на Вардар за успехот, двапати беше шампион на Европа. Тоа го направи со странски играчи и го почитувам. Таква беше стратегијата, се испостави како точна и им честитам. Единствена замерка од мене за Вардар е зошто не работеа со младите категории. Тие имаа втора екипа и младински погон, ама не се работеше квалитетно. Само Столе Стоилов од домашните играчи имаше улога во тимот кога се освоија титулите шампион на Европа. Двете титули ќе остана засекогаш запишани, тоа е и промоција за Македонија, ама репрезентацијата од тоа не доби ништо.

Сега Еурофарм Пелистер е наш претставник во ЛШ. Таму има 12 странци, квалитетни, но и тие тешко се носат во елитата. Не сакам да се насладувам на поразите, ама ние како држава губиме рејтинг. И ЕХФ треба да поработи на тоа, сите да имаат шанса. Сметам дека секој шампион треба да има можност да дојде до Лигата на шампионите, можеби преку квалификации. Нашиот спорт е поефтин од фудбалот и кошарката. Пелистер дојде до Лигата на шампионите, ама не може против Киелце, ПСЖ, Кил, Веспрем, Сегед и тогаш доаѓа до разочарување. Тоа е проблематиката на нашиот спорт, мора да се има желба и ентузијазам за и помалите клубови да дојдат до „кремот“ на Европа“.

Целото интервју можете да го прочитате на следниот ЛИНК. 

ПретходноЈокиќ доминираше во историскиот меч на Дурент и Нуркиќ
СледноСнегот предизвика општ хаос во Минхен, одложен мечот меѓу Баерн и У.Берлин