Извонреден натпревар со многу пресврти и без победник. Манчестер Сити и Тотенхем во дербито на 14. коло од Премиер лигата одиграа 3:3 и понудија уште една неверојатна пресметка во текот на денот, кога бевме сведоци уште на неколку извонредно ефикасни и неизвесни дуели.
Бранителот на титулата со ова реми падна на третото место, додека Тотенхем, кој ја заврши серијата од три првенствени порази, сега е петти со 27 бодови.
Гледавме фантастично прво полувреме на „Етихад“ во кое Тотенхем првповеде. Сон погоди на стартот за 1:0, но истиот фудбалер само неколку минути подоцна, несмасно реагираше во својот шеснаесетник и постигна автогол со кој Сити израмни на 1:1.
Следеа нападите на домашните, а во 31. минута Фоден успеа да го донесе домашните до 2:1 со кои се замина на пауза.
Во продолжението Сити малку го намали темпото, а опасниот Тотенхем ги казни во 69. Минута со голот на Ло Селсо од далечина за 2:2. Во 81. минута Бисума погреши, а феноменалниот Родри му ја „украде“ топката и веднаш му ја додаде на Халанд во шеснаесетникот, Норвежанецот одигра возвратна за резервистот Џек Грилиш, кој рутински ја затресе мрежата, за 3:2.
Тотенхем не се откажа и во 91. минута по центаршутот на Џонсон од левата страна, а Кулушевски со глава го совлада Едерсон, за 3:3.