Пишува: Зоран Ѓоршоски
Супер – дербито на Чаир заврши со победа на Шкупи од 1:0. Минимално, но сепак според шансите реално требаше да биде 3:0 или 4:0. Шкупи до таа 70.минута просто ја згази Шкендија, тетовци не знаеја каде се наоаѓаат. После тоа домашните ја “затворија“ играта, го “затворија“ мечот како што секој тим кој знае што сака и кој има добар тренер на клупата, го прави. И дури тогаш Шкендија нешто почна да игра, ама нешто.
Интересна изјава на стратегот на тетовци Ардијан Нухиу по мечот:
„Мислам дека момците денеска го дадоа максимумот, денеска ова беше наше најдобро“…. замислете!
Зарем Нухиу не беше вчера на Чаир? Да, јасно е дека му недостигаа Ќака, Красничи и Максимов, но зарем Шкендија спадна на тоа ниво да нема адекватни резерви. А на теренот беа и Велија, Тотре, Дита, Шаља, Чинари, од тие што се играчи за врска или полушпицеви, а во нападот Аганспахиќ и Елези.
Секоја чест за тие што ги немаше вчера, но и со овие што вчера играа Шкендија мораше, ама баш мораше да одигра далеку подобро, да нападне, да создаде шанси или да постигне некој гол.
Затоа социјалните мрежи “вријат“ со коментари на илјадниците фанови на нашиот најбогат клуб. Клуб кој има веројатно 3-4 пати поголем буџет од Струга ТЛ и Шкупи, и место Ардијан со своите играчи, и тие што ги има, да си се прошета низ есенската полусезона, посебно ако се знае дека тимот е одморен по онаа европска бламажа, Шкендија на секој меч си се бламира.
И кога победува тоа го прави едвај, а дека нема игра тоа им е јасно на сите.
Вистина е дека Шкендија е далеку од онаа Шкендија пред 4-5 години. Но сепак и оваа Шкендија, со тој буџет, со овој играчки кадар мора, ама баш мора многу повеќе.
Ардијан во неколку наврати оваа есен беше пред отказ. Истиот му беше спремен во средата пред мечот со Работнички, но за негова среќа или несреќа на Белица, мислиме на киксот на играчот на гостите и фактот дека судијата не виде пенал за Работнички на 0:0, тој се спаси, но Шкендија не се спаси.
Неверојатно е од јули па наваму Шкендија да не одигра барем еднаш онака мераклиски на задоволство на своите фанови, да потсети на оние славни денови.
Шкендија во изминатите 17 кола има 9 победи, 5 ремија и 3 порази и елиминација од Купот.
Тактички оваа Шкедија е “нула“, нема акции, нема игра, нема ништо, буквално ништо. Ако не се индивидуалните квалитети на Чинари, Шаља, Цаке или Максимов со оној гол против Вардар, Шкендија ќе имаше барем 7-8 бода помалку.
И на крај дали знаат во Шкендија дека третото место не води во Европа? И ако знаат, како тоа мислат да бидат пред Струга ТЛ и Шкупи ако веќе Купот е завршена приказна.
А со Нухиу и неговата тактика оваа Шкендија нема да ја види Европа следното лето, веројатно.
П.С
Имаше и други интересни моменти во ова коло, како првата победа на Седло со Работнички, потоа судењето во Кратово, па секако пресвртот во Кавадарци, трагедијата на Брегалница…но, сепак!
Секако можеби требаше да ја продолжиме приказната од минатиот пат – “Битка до истребување (втор дел)“, но таа ќе ја оставиме за другпат, нека заврши есенскиот дел.
А ќе започне со …Си биле три “другарчиња“….