Алкалоид со победа ја затвори својата прва европска авантура. Избраниците на Кирил Лазаров на последниот меч ја совладаа Ла Риоха со 28-27. Со овој триумф, македонскиот вицепрвак групната фаза ја завршува на третото место на табелата со скор победа, реми и четири порази.
Кирил Лазаров имаше право на задоволство по оваа средба.
„Многу сум среќен бидејќи што ја остваривме првата историска победа, честитики до играчите, честитки до Ла Риоха за нивната фер-плеј игра. Бев долго време во Шпанија добро го познавам тимот. Ги направивме истите грешки како претходно, промашивме пенали и удари од шест метри. Се гледа дека одиме напред. За некои играчи ова беше први мечеви во Европската лига, ни фалеше многу искуство, кое ќе значи за нашата иднина. Се надевам дека во иднина ќе бидеме се подобри. Уште еднаш честитки, заслужија да победа. Благодарност до публиката која дојде во голем број, го препозна овој проект, проектот кој им дава шанси на македонските играчи“, рече Лазаров на прес-конференција.
Во едно силно друштво, младиот состав на Алкалоид успеа да освои три бода и најважно да собере искуство кое во иднина ќе биде и тоа како добредојдено за во репрезентација.
„Имавме неатрактивна група, ја знаевме силината на Силкеборг, ја знаеме позадината на Војводина. Јас многу верувам во овие играчи, можеби малку ги преценив и се преценив себе си, ако ги земе во предвид ситните детаљи, како промашувања… Потребно е време, потребно е искуство. Верувам во невозможното, увидов дека не треба залетување, треба да се работи многу за да бидеме конкурентни во Европа. Имам јасна слика, кој колку може да даде на национално и клупско ниво. Го дадовме максимумот, желба за победа, можеби нереална. Ќе работиме за клубот и за иднината на македонскиот ракомет“, додаде Лазаров.