Денеска продолжија елиминациските дуели од Купот на Македонија во ракомет. Со оглед на разликата во квалитетот меѓу ривалите, немаше простор за поголеми изненадувања. Суперлигашките екипи успеаја да ја оправдаат фаворитската улога и веќе се пласираа во групната фаза од натпреварувањето.
Ракометарите на Струга ја отворија денешната програма со победа како гости во Струмица против екипата на Астраион со 25-18, а сигурно најинтересниот меч го одиграа суперлигашите Голден Арт и Аеродром. Во овој дуел екипата на Голден Арт славеше со 37-27 во меч во кој Гошевски со осум гола беше најефикасен кај домашните.
Алкалоид против Драчево славеше со 44-26, додека Бутел Скопје беше многу подобар од екипата на Македонија ЃП совладувајќи ја со 49-26.
Убедлив беше и ГРК Тиквеш кој против екипата на Партизан 2016 славеше со високи 56-20.
За утре се закажани уште четири средби: Е. Пелистер 2 – Овче Поле, Е. Пелистер – Шампион, Преспа Вардар – Радовиш и Бисинов ФЛ – Мулти Есенс.