Кузмановски: Криво ми е за публиката! Ветувам дека ќе бидеме подобри!

437

Пелистер не успеа да дојде до првите бодови во Лигата на шампиони. Македонскиот првак на последниот меч од оваа година беше поразен од ППД Загреб со 22-23 и остана последен на табелата во групата со десет порази во исто толку одиграни натпревари.

Македонскиот репрезентативец, Филип Кузмановски кој со осум гола беше прв стрелец кај битолчани беше разочаран што не ја искористија шансата да дојдат до победа и да ја наградат пред се публиката.

„Сакам да се заблагодарам што публиката дојде во голем број и ни беше мотив. Многу ми е криво што не можеме да возвратиме на најдобар можен начин и да победиме.

Тука сум три седмици, ова е млада екипа со неколку искусни имиња. Напредуваме брзо, криво ми е што не бев тука уште од почетокот. Имаме многу простор за напредок за во иднина, треба да останеме заедно.

За натпреварот со Загреб бевме подготвени, потрошивме многу време за анализи. Загреб е голема екипа, оваа сезона победи звучни имиња во Лигата на шампионите. Имавме свои шанси на овој натпревар, ама на крајот решаваа нијанси. Ветувам дека ќе бидеме подобра екипа, но ни треба време. На Загреб му посакувам се најдобро, му посакувам да ја мине групата, а нас ни останува да работиме“, изјави Кузмановски.

Следниот меч Пелистер го игра во февруари (14) 2024 година, на домашен терен го пречекува ПСЖ.

ПретходноНеверојатна партија на Леброн Џејмс за финале во НБА Купот (ВИДЕО)
СледноТретиот најдобар стрелец во Европа на радарот на Милан