Оваа сезона во мак-баскетот покажува колку клубовите почнувајќи од Првата лига, па сите лиги надоле, се далеку од професионални. Ретко кој клуб ги исполнува сите услови за одигрување на еден првенствен натпревар, касата на КФСМ се „полни“ на име казни за неисправни технички уреди, неправилно одбележани дресови до неспортско навивање и слично. Уште е нејасно како на сите тие може да им се дозволи да се натпреваруваат на највисоко ниво?
А кога сме кај овие чудни казни и црната слика на македонската кошарка, најсоодветен пример доаѓа од Куманово. Тимот кој го носи името на градот со додавка 2009 доби парична казна од 30.000 денари бидејќи не обезбедил основен услов за одигрување на еден меч, а тоа дежурен лекар, нешто што не е дозволиво.
На Куманово 2009 не само што не му беше дозволено да го одигра мечот со Ангели, туку и остана без бодови откако оваа средба беше заведена со службена победа за гостите.