Новата бразилска фудбалска надеж Ендрик бил сосема блиску до трансфер во Челзи, но трансферот не се случил затоа што лондонскиот клуб се откажал. Фудбалерот на Палмеирас ќе пристигне во Реал Мадрид идното лето кога ќе наполни 18 години, а трансферот изнесува 40 милиони евра плус 20 милиони во форма на бонуси.
„Бев многу блиску до трансфер во Челзи. Родителите навистина го сакаа Лондон, а и сите ми зборуваа добри работи за градот“, изјави Бразилецот.
Таткото на Ендрик, Даглас Фелипе дури отпатувал во англиската престолнина за да се запознае со условите кои ќе ги има во Челзи.
„Ни беше објаснето се, ни беше претставено лицето кое требаше да ни помогне околу сместувањето. Ни ја покажа куќата во која ќе живееме, училиштето во кое ќе оди Ендрик, црквата во која ќе одиме. Се беше во ред меѓу нас и Челзи. Не можам да кажам 100% зошто тоа не се случи, но договорот беше откажан. Веќе дури и во мојата глава живеев во Лондон и на ова студено време. Но, тогаш менаџерот на мојот син се јави една вечер и рече дека сопственикот на Челзи се откажал од договорот затоа што мислел дека цената што треба да ја платат ќе го надуе пазарот. Сумата беше 60 милиони евра за 16-годишно момче кое после две години би дошло во тимот“, објаснува таткото на големиот талент.