НБА го суспендираше Дрејмонд Грин на неодредено време откако пред помалку од 24 часа намерно го удри во лице центарот Јусуф Нуркиќ на натпреварот помеѓу Голден Стејт Вориорс и Феникс Санс.
За највалканиот играч во НБА ова беше 18-та исклучувачка грешка во кариерата и втора суспензија во сезоната. Тој е рекордер по бројот на суспензии меѓу активните играчи на најсилната кошаркарска лига во светот.
„Тој ќе мора да исполни одредени услови во лигата и франшизата пред да му биде дозволено да се врати“, се вели во соопштението на НБА за четирикратниот шампион и четирикратниот Ол Стар. Се додава дека при одредувањето на суспензијата, лигата се водела од „историјата на неспортско однесување“ на Грин.