Една година без Синиша…

90

На денешен ден, на тој проклет 16 декември 2022 година, фудбалскиот свет го потресе страшната вест, а таа вест гласеше – почина Синиша Михајловиќ. Еден од најголемите фудбалски шмекери на овие простори и во Европа, и како играч и како тренер.

Беше ѕвезда во Италија, во Европа, а посебно со респект за него се говореше на Балканот. Добро се сеќаваме на неговиот престој во Скопје како селектор на Србија, кога знаеше како голем мангуп да се снајде и во една “епизода“ на пресот пред дуелот со Македонија.

Остави зад себе бројно семејство, остави зад себе неизбришлива трага во светот на фудбалот. Секогаш насмеан и покрај фаталната болест која ја “влечеше“ неколку години.

Се бореше како лав, но ете на крајот не успеа да победи во најважната битка во неговиот живот и на тој проклет 16 декември 2022 година кога си замина од овој свет. Леукемијата го победи шмекерот кој никогаш не признаваше пораз. Но овојпат мораше, иако имаше само 54 години.

Мина една година, а како вчера да беше. “Бомбардерот“ од Борово засекогаш ќе остане врежан во мислите на фудбалските фанатици како еден од најдобрите изведувачи на слободни удари. Војводина, Ц. Звезда, Рома, Сампдорија, Лацио, Интер беа неговите клубови како играч а како тренер ги водеше Болоња, Фиорентина, Милан, Торино, Спортинг, па на крајот пак Болоња. Беше селектор на својата земја.

Една година без шмекерот Синиша…

ПретходноВембањама и Сан Антонио со триумф против Леброн, Брансон со 50 поени против Феникс! (ВИДЕО)
СледноВикендов финишира одбојкарската есен