Српскиот фудбалер Дејан Јовељиќ, напаѓач на Лос Анџелес Галакси се надева на повик за настап за српската репрезентација на ЕП 2024, а во меѓувреме тој настапи на Европското првенство во брзопотезен шах што се одржа во Загреб.
Во 13-те партии кои ги одигра во саботата тој освои шест бодови – четири победи, две ремија и седум порази. Инаку титулата европски првак, трет пат во една календарска година, ја освои Алексеј Саранa, роден во Русија, а настапува за српската репрезентација во шах.
Во интервју за „Спортске новости“, Јовељиќ изјави:
„Веројатно ни јас не сум луд. А генијалец? Не сум мерел IQ но се сложувам дека сум еден од ретките фудбалери кои се занимава со шах и сложува рубикова коцка. Шахот ме заинтересира во текот на корона периодот и карантинот, а претходно имав мононуклеоза и шест месеци во кревет. Немаше што да правам и сложував коцки. Личниот рекорд ми е 38 секунди, но бргу ми здосадува. Другите луше велат вау, но искрено се се сведува на неколку шеми“, вели Јовељиќ.
Легендарниот сер Алекс Фергусон своевремено зборуваше дека секој фудбалер би требало да ја знае основата на шахот.
„Тоа се слични мисловни процеси. И во фудбалот гледаш напред, предвидуваш, чекаш грешка на противникот и пробуваш да ја искористиш. Кога ќе видиш простор – напаѓаш. Сигурно шахот на теренот ми донесе концентрација и емоција. Се обидуваш да не реагираш бурно затоа што тие реакции само ти штетат. И во шахот често го следиш противникот, па на лицето можеш да му видиш колку е сигурен во одлуката“, изјави Јовељиќ.