Јан Карло Симиќ, 18-годишното момче дебитираше во дресот на Милан во победата над Монца со 2:0 во италијанската Серија А. На овој фудбалер роден во Германија со српски корени му се посреќи тоа што Побега се повреди и тој мораше да влезе во игра, а во 41 минута го постигна првиот гол за „росонерите“.
„Не ни размислував да постигнам гол. Не можам да поверувам дека токму јас ја затресов мрежата. Пред голот се чувствував добро, бев фокусиран на топката и го видов Леао како уфрла по земја. Втрчав во просторот и топката дојде до мене и ја шутнав во голот. Ти благодарам Рафа“, изјави Симиќ.
Симиќ е момче родено во Германија во 2005 година, мајка му е Србинка, а татко му од Босна и Херцеговина. Израснал во Штутгарт, а славниот Паоло Малдини кој беше спортски директор, минатото лето го донесе во Милан.
Симиќ уште како член на Штутгарт одлучил да игра за Србија. Тој минатата година играше за Србија на ЕП за играчи до 17 години. На тој шампионат Србија стигна до полуфиналето.
Во Италија го нарекуваат новиот Барези во Милан, иако неговиот идол е Паоло Малдини. Во Србија го величат нарекувајќи го новиот Немања Видиќ. Причината е што Симиќ може да игра како централен бек и како последен играч за врска кој често се уфрла напред.
Симиќ сега игра за У19 репрезентацијата на Србија.
„Шефот и стручниот штаб ме спремија за овој меч како и соиграчите кои ми рекоа да бидам мирен затоа што се може да се случи. Бев спремен уште на клупата и чекав шанса да играм. Шансата дојде. Им благодарам“, изјави 18-годишниот стопер.
Неговата фамилија била на трибините на „Сан Сиро“.
„Ми помогнаа и ме поддржуваа како дете. Дојдоа да живеат со мене во Милано, да ми помогнат полесно да се приспособам. Тие ми помогнаа да ги поминам тешките моменти. Среќен сум што ги имам и што можам со нив да го поделам овој момент“, кажа младиот фудбалер.