Македонската ракометна репрезентација ја почнува последната фаза од подготовките за настап на Европското првенство 2024 година. Предводникот на нашиот најдобар национален тим, Кирил Лазаров и неговите избраници во групната фаза ќе ги одмерат силите со Франција, Германија и Швајцарија, само двете најдобропласирани екипи одат во следната фаза.
Еден од лидерите на теренот дефинитивно се очекува да биде Филип Кузмановски, кој во вистинско време направи трансфер, ја врати самодовербата и се врати полека во формата која на Македонија и тоа како и е потребна.
„Враќањето во Битола беше посебен момент за мене, тоа беше мојот матичен тим. Играњето во Лигата на шампионите беше една од причините за да се вратам, знаете и какви навивачи има Пелистер. Сето ова многу ќе ми помогне бидејќи поминувам многу време на терен. Имам многу поголема самодоверба, што пак е најважно“.
Фитиљ е свесен за тежината на групата, но вербата не ја губи. Посакува на ова првенство да го дадат максимумот, да ги наградат навивачите со добри игри.
„Чест и задоволство е да играш за репрезентација. Ние сме одлична група на млади ракометари, имаме квалитет кој треба да го покажеме во иднина. Сите добро ја знаеме групата, спортски е да се надеваме. Максимално треба да ги одбработиме подготовките, како на физички, така и на тактички план. Сите сме физички подготвени, играме во своите клубови, нешто што порано не беше пракса, секако зборувам за себе. Тоа е позадина нас, гледаме напред.
Верувам во стручниот штаб, во селекторот и во сите останати. Нам ни останува да работиме“.
Македонија ќе биде дел од историјата во Дизелдорф, првите мечеви од нашата група ќе се играат на стадион пред повеќе од 50.000 навивачи. Кузмановски добри ги познава Германците и нивната љубов кон ракометот, очекува вистински спектал.
„Игравме долго време во Германија знам какви фанатици се за ракомет, верувам дека ќе имаат толку навивачи колку што најавуваат, дека ќе биде спектакл. Се надевам дека и ние ќе ги имаме нашите навивачи. Благодарам за тоа што доаѓаат во голем број на секое првенство, не е мала работа да ги оставиш своите обрвски за да навиваш. Го цениме тоа, се бориме за нив, за нашата држава. Репрезентација е нешто свето, треба да биде секој горд кога игра за националниот тим, не е лесно да се стигне до тука.
Што се однесува до првиот меч со Франција, тие се фаворити, но не треба да бидеме потценувани, гледаме дека има многу изненадувања. Групата е тешка, но спортски е да се надеваш“.
Првиот меч на ЕП, Македонија го игра на 10 јануари против Франција во Дизелдорф, на 14 јануари во Берлин е мечот со Германија, додека два дена подоцна е пресметката со Швајцарија.