Лазаров денеска прозива за ЕП 2024, ракометарите во Скопје ќе се задржат само еден ден

609

Македонската ракометна репрезентација денеска и официјално стартува со мисијата ЕП 2024 кое ќе се одржи во Германија. Селекторот, Кирил Лазаров „скори“ список од 19 имиња и додаде уште осум резерви кои ќе чекаат дополнителен повик доколку има потреба од тоа. Последни во стројот ќе се приклучат Филип Талески и Никола Митревски, кои имаат обврски со своите клубови во Португалија.

Нашите ракометари само еден ден ќе се задржат во Скопје, веќе утре заминуваат во Стара Пазова каде ќе одработат дел од подготовките за настап на континенталниот собир, а воедно ќе одиграат и еден од трите предвидени пријателски натпревари. Прв противник на „црвено-жолтите“ ќе биде селекцијата на Црна Гора, меч кој е закажан за 29 декември.

Македонската експедиција по враќањето во Скопје ја чекаат два контролни дуели со селекцијата на Грција.

Нашата репрезентација ќе игра во два различни градови на претстојното Европско првенство. Дизелдорф е првата страница, таму на 10 јануари избраниците на Кирил Лазаров ќе ги одмерат силите со Франција на отварањето на шампионатот, овој меч ќе се игра на стадион. Добро е познато дека домаќинот Германија сака да го урне рекордот по гледаност на еден меч во овој спорт, па се очекува на трибините да има над 50 000 фанови.

По четири дена пауза, Македонија на 14 јануари во Берлин се сретне со домаќинот, Германија, а додека на 16 јануари го игра последниот меч од групната фаза, на другата страна на теренот ќе го има составот на Швајцарија.

Според системот на натпреварување првите две селекции од секоја група ќе обезбедат пласман во главната рунда.

ПретходноМорант се врати после долгата суспензија и растури, Лилард испиша историја (ВИДЕО)
СледноЗаверка на Благоја Милевски и плата од 10.000 евра!