Селекторот на македонската одбојкарска репрезентација, Јошко Миленкоски и неговиот тим ПАОК ги завршија настапите во Купот на ЦЕВ. Вечерва во реванш средбите од осминафиналето, ПАОК и вторпат беше поразен од силниот италијански тим Милано, овој пат со 1:3.
Во првиот меч кој се одигра во Милано, Италијанците имаа убедлива победа од 3:0 со која и дојдоа како големи фаворити на реваншот. ПАОК кој имаше големи проблеми со формирањето на ростерот за новата сезона, полека се комплетираше и ја крена формата, но очигледно квалитетот на Италијанците беше непремостив за пат кон четвртфиналето.
Во европските купови вечерва ништо подобро не мина ниту словенечкиот шампион АХЦ Волеј во чии редови настапува нашиот најдобар одбојкар, Никола Ѓорѓиев. Словенците во меч од 4. коло во Лигата на шампионите беа убедливо поразени со 3:0 на гостувањето во Полска против Жежов со што го запишаа и четвртиот пораз во групната фаза.