Фудбалерите на Манчестер Сити и бразилскиот Флуминенсе ќе ги кршат копјата на стадионот на Кралот Абдула во Џеда за титулата светски клупски шампион. Овојпат ќе гледаме дуел на европски и јужноамерикански клуб.
Избраниците на Пеп Гвардиола во полуфиналето го победија јапонски Урава со 3:0, а Флуминенсе беше подобар од египетскиот Ал Ахли со 2:0.
А „граѓаните“ за овој дуел нема да сметаат на повредените Кевин де Брујне и Ерлинг Халанд. Иако двајцата заздравеа меѓутоа поради правилата на ФИФА, во финалето не смеат да играат фудбалери кои не биле регистрирани за полуфиналето.
Победникот на вечерашното финале ќе заработи 4,65 милиони евра, додека поразениот ќе заработи 3,5 милиони евра.
Мечот се игра од 19 часот.
„Гледавме видео снимки од нивните настапи. Тие се агресивни на топка и се полни со самодоверба, значи мораме да бидеме супер подготвени. Ова е добар тест за нас. Ќе играме против одличен тим во кој играат искусни фудбалери (Фелипе Мело, Гансо, Марсело, Герман Кано). Го сакаме трофејот. Тоа е последното делче од нашата сложувалка“, изјави бекот на Сити, Кајл Вокер.
Капитенот на Флуминенсе, Нино изави дека може да се совлада европскиот шампион.
„Имаме се за да ја освоиме титулата. Работевме напорно за ова. Колективно сме силни, посветени на работата и мислам дека имаме добри шанси против еден од најдобрите тимови на светот“, изјави Нино.
Минатата година шампион беше Реал Мадрид со победата над Ал Хилал од Саудиска Арабија со 5:3. Јужноамериканска екипа не го освоила трофејот уште од 2012 година. Тогаш трофејот замина кај Коринтијанс.
И двата клуба го бркаат првиот трофеј од СКП.