Да се биде трет на табелата во Втора лига со буџет од околу 400.000 евра е далеку од успех за клуб како Пелистер Битола. Славниот тим е зад Беса од Добридол и зад Детонит од Радовиш, клубови без никакво реноме, историја и елитни настапи.
Битолчани со години се заглавени во нискиот ранг и со години не успеваат да добијат битки со анонимни екипи кои иако се аматери сепак успеваат на крајот да ја добијат пресметката со еден гигант како Пелистер.
Така е и во оваа сезона, екипата не блеска, тимот не е на посакуваното ниво а финансиите си летаат, успехот го нема, а нема ни одговорност. И затоа последниве денови „намсевките“ кои ги гледаме во Пелистер се кисели и загрижувачки со оглед на тоа дека клубот не е на посакуваното ниво, на посакуваната позиција на табелата…
Битолчани се оптимисти, но и не може да веруваат како внивниот љубимец не успева да прегази се во лигата и лесно да се врати на местото кое му доликува – во елитата.
Алармот е вклучен цела полусезона, сега е пауза во која треба да се лоцира проблемот, да се направи план и да се исполни целта.
Тимот на Беса е далеку пред сите, а Детонит е екипа која е сериозна и која покажува карактер, знаење и играње. Затоа до почетокот на пролетната полусезона во Битола мора да бидат мобилизирани. Да се засилат и да ги засукаат ракавите. Со работа да стигнат до посакуваната форма и да не се надеваат дека Првата лига сама ќе им дојде. Така се однесуваа со години и години па затоа и крајот беше фатален. Лесно е да се трошат финансии за “ништо“ а според најавите град Битола е општина во земјава која најмногу дава парични средства за фудбалскиот клуб. Таа доверба треба и да се оправда, на терен, со резултати и со пласман во Прва лига. Ова досега е далеку од тоа што треба да биде и далеку од нивото и реномето на Пелистер. Со дела а не со зборови… тоа управата на клубот го знае но не го спроведува.