Луис Суарез е нов член на Интер Мајами. Искусниот напаѓач, кој наскоро ќе го прослави својот 37 роденден, договори соработка со тимот на МЛС и следната година ќе игра во САД.
Таму ќе им се приклучи на поранешните соиграчи од Барселона. Лионел Меси е лидер на тимот, а во Мајами се и Серхио Бускетс и Жорди Алба.
Уругваецот потпиша едногодишен договор со американскиот тим со опција за продолжување на соработката на уште една сезона. Да потсетиме, тој претходната година настапуваше за бразилски Гремио, а нешто порано беше член на уругвајскиот Национал.
Во својата богата кариера, легендарниот напаѓач покрај Барселона настапуваше и за Ливерпул, Ајакс и Гронинген, а е еден од најдобрите офанзивци кои се појавиле во изминатите 20 години.