Еден од шефовите на Суперлигата на Европа, Бернд Рајхарт даде интервју во кое сподели дека многу клубови се во позиција на „чекање“ во идејата да се придружат кон потенцијалниот мултимилионски турнир. Германецот уверува дека дел од клубовите се оградуваат од идејата да се присоединат на новиот турнир поради сериозните рестрикции и притисоци од УЕФА, но истите тие сакаат да чујат што нудиме и да преговараат за учество.
Рајхарт повтори дека сите натпревари од турнирот ќе се емитуваат бесплатно, а сите приходи ќе доаѓаат од реклами.
„УЕФА врши притисок врз клубовите. Но, ние ќе ги убедиме. Зборував со многу клубови денес кои дадоа јавни изјави каде што продолжуваме да ја гледаме долгата рака на 70-годишниот монопол. Некои од нив денеска ми се јавија и ми рекоа „велиме не, но тука сме“. Денеска нема да ги тераме да кажат „Да“.
Не сме тука да градиме ѕидови, сакаме да се обединуваме, а не да делиме. Започнува нова ера на дијалог и во одреден момент ќе ги објавиме клубовите кои ќе ја сочинуваат Суперлигата.
Нема да присилуваме никого да потпише договор денеска. Ќе го понудиме најдоброто од фудбалот во светот потполно бесплатно. Најдобриот фудбал кој ќе може да достигне милијарди. И има можност да се рефинансира главно со рекламирање. Ние сме во состојба да добиеме 3 милијарди годишно од рекламирање. Саудиските пари не стојат зад проектот, разговаравме со инвеститори од Европа и од САД. Имаме гаранции од американски инвестициски фонд“, рече Рајхарт.
Првично, проектот за Суперлигата беше претставен за прв пат пред три години, кога учествуваа 12 од најголемите тимови во Европа. Сепак, тие брзо се оградија од овие планови и постепено сите објавија дека го напуштаат проектот, оставајќи ги само Реал Мадрид и Барселона да го поддржат. И вчера претседателите на двата шпански гиганти беа во првите редови во одбраната на проектот, но за неколку часа повеќето од другите водечки тимови во Европа се оградија од потфатот и ја изразија својата поддршка за УЕФА.