Далас го совлада Феникс Санс во последниот натпревар од божиќната програма во НБА со резултат 128:114. Одличен натпревар за Маверикс одигра Лука Дончиќ кој беше најзаслужен за победата со 50 поени. Словенецот шутираше од поле со прецизност од 60 отсто, погоди осум тројки од 16 обиди и 12 од 12 слободни фрлања. Тоа беше неговиот најдобар натпревар оваа сезона.
На овој натпревар стигна до значајно достигнување. Тој ја надмина границата од 10.000 постигнати поени побрзо од сите активни кошаркари во моментов во НБА. Дополнително, Дончиќ натпреварот го заврши со 15 асистенции, шест скока и четири украдени топки.
На прес-конференцијата тој ја коментираше публиката која го навредуваше и исвиркуваше во текот на целиот натпревар.
„Искрено, забавно ми е да играм на вакви гостувања, кога публиката така се однесува. Тогаш постигнувам кош и одеднаш владее тишина во салата. Па, тоа е најдоброто чувство на светот“, им објасни Дончиќ на новинарите. .