Српската фудбалска репрезентација на 21 март на стадионот Динамо во Москва ќе одигра пријателски натпревар против селекцијата на Русија и тоа ќе биде прв натпревар меѓу Русите и европски тим од почетокот на војната во Украина и суспензијата од ФИФА и УЕФА.
Црвена звезда синоќа на стадионот „Рајко Митиќ“ договори и пријателски натпревар против Зенит за 23 март, а сето тоа очекувано предизвика големо незадоволство во Украина.
Украинскиот портал „Sport.ua“ реагираше по најавата дека двете екипи ќе одиграат контролен меч.
„Србите продолжуваат да ги тестираат нервите на европската фудбалска заедница. Дали УЕФА ќе остане нема?“, праша овој портал.
Неодамна Фудбалскиот сојуз на Украина ги повика ФИФА и УЕФА да го спречат одржувањето на пријателскиот натпревар меѓу Русија и Србија.
Тие испратија и писмо на адреса на Фудбалскиот сојуз на Србија со барање за откажување на натпреварот.