Манчестер Ј. беше на работ на уште една фудбалска катастрофа, но со голем пресврт во вториот дел на мечот со Астон Вила не само што успеа да се спаси од пораз, туку и дојде до трите бода на денешниот последен меч на „Боксинг Деј“ во Премиер лигата. Момците на Ерик Тен Хаг во првиот дел одиграа лошо и за само 4 минути примија два гола по кои на пауза заминаа со наведнати глави и негатива од 0:2.
МекЏин во 22. минута погоди за 0:1 за гостите, а само четири минути подоцна со голот на Дендонкер гостите поведоа и со 0:2.
По паузата на „Олд Трафорд“ како да истрча друг Јунајтед. Уште од првата минута домашните жестоко притиснаа, а во 47. минута Гарначо погоди, но голот беше поништен. „Црвените ѓаволи“ не се предадоа, па младиот голгетер успеа во 59. минута повторно да ја затресе мрежата на Мартинез, овој пат сосема регуларно по асистенција на Рашфорд за 1:2.
Десетина минути подоцна, Аргентинецот повторно го крена на нозе гледалиштето. Во 71. минута погодува за израмнување на 2:2. Манчестер Ј. го задржа темпото, а збунетите гостински фудбалери не го издржаа притисокот, па по една мешаница во шеснаесетникот на Мартинез, Расмус Хојлунд во 82. минута го постигна својот прв премиерлигашки гол за конечни 3:2 и голема победа на Јунајтед.