Кошаркарите на шампионот МЗТ Скопје А. славеа на гостувањето кај Гостивар со 69:78 во претпоследниот меч од 13. коло во домашното првенство. Шампионот успеа да направи голема разлика во првите 10 минути, која подоцна се покажа како клучна за победникот на натпреварот.
„Штрковите“ ја добија првата четвртина со 25:10 и на некој начин го решија прашањето околу победникот. Гостувар во следните три четвртини играше рамноправно со шампионот, во неколку наврати и успешно ја топеше негативата, но на крајот не успеа да се спаси од пораз.
Ова беше деветтиот пораз на гостиварци во лигата, прв по назначувањето на Јорданчо Давитков за тренер на тимот. Шампионот ја прокнижи 12-тата победа која го носи убедливо на врвот на табелата.
Кај Гостивар денеска Вилијамс беше најефикасен со 18 поени, додека Митревски и Стојаноски постигнаа по 14. Во редовите на победникот, 20 поени останаа зад името на Баковиќ, додека Водјан Стојановски постигна 12.