Некогашниот шампион на Македонија, тимот на Работнички главната фаза од зимските подготовки ќе ги одработи во Медулин (Хрватска). Имаше дилеми дали Медулин или Анталија, сепак раководството на клубот и стручниот штаб на чело со Гоце Седлоски се одлучија за Хрватска.
За тоа каков е планот, односно како и каде ќе се одвиваат подготовките на тимот од Дебар Маало, за “СпортСпорт“ говори стратегот Седлоски.
“Почнуваме на 10 јануари, за тогаш е закажан стартот на зимските подготовки. Потоа од 16 до 23 јануари ќе престојуваме во Охрид. Следува на 25 јануари заминување во Медулин каде ќе останеме до 9 февруари. Планот е да се одиграат и 4-5 пријателски или контролни натпревари со квалитетни екипи. Секако дека кога ги пуштивме играчите на одмор, по завршување на есенскиот дел, секој од нив доби програма за работа“ посочи Седлоски.
Најинтересно за јавноста е тоа дали Работнички има намера да ги засили своите редови. Досега од тимот си замина само Крсте Велкоски, кој се пресели во Македонија ЃП.
“Засега освен Велкоски сите се тука. Секако дека ќе се засилиме со најмалку три квалитетни играчи. Убаво ќе биде да го освежиме играчкиот кадар, да се засилиме на некои позиции. Се преговара во моментов со неколку играчи, ќе видиме. Уште е рано за да кажам дека се е готово“ заврши Седлоски.