Од денеска Александар Васоски и официјално е нов шеф на стручниот штаб на Силекс, како што утринава „СпортСпорт“ информираше. Еден од нашите најдобри стратези, шампионски тренер со Вардар, седнува на клупата на некогашниот трикратен првак на Македонија.
За тоа зошто се реши да ја прифати понудата на кратовци, одлука со која ја изненади фудбалската јавност, откако си замина од Вардар, Васоски за нашите читатели истакнува:
„Сакам предизвици. Силекс е голем клуб, еден од најголемите и најтрофејни во Македонија. Да, точно е дека ја прифатив понудата на кратовци откако имав разговори со сопственикот на Силекс, Горан Иванов. Добив уверување дека луѓето во Силекс имаат нов проект, а тој е во наредната сезона или сезони, клубот да биде при врвот на мак -фудбалот, меѓу првите три екипи во ПМФЛ. Тоа мене ми одговара, реков дека посакувам предизвици и заеднички ќе атакуваме кон врвот на мак-фудбалот“ потенцираше Васоски и продолжи…
„Да, имав и некои други понуди. Сепак, Кратово е блиску до Скопје, сакав да бидам и со семејството. Тоа исто така беше една од причините зошто ја прифатив понудата на првиот човек на Силекс“.
За тоа кога ќе почнат зимските подготовки, за играчи и слично, Васоски имаше свој коментар.
„Почнуваме на 10 јануари, претходно ќе се направат прегледите. За ден – два ќе се знае и планот во детали, ќе има и засилувања, тука нема дилеми. Јас сум оптимист, верувам во себе и верувам во овој проект на Силекс и се надевам дека ќе биде успешен“ заврши новиот стратег на кратовци.