УО на ФФМ потврди: Продолжен договорот со селекторот Благоја Милевски! Одлука и за ОФС Струмица

591

Пред неколку дена “СпортСпорт“ објави, а денеска и официјално УО на ФФМ потврди. Благоја Милевски и натаму ќе биде селектор на нашата најдобра репрезентација, нему му е продолжен договорот.

Еве што стои во соопштението на УО на ФФМ:

Фудбалската федерација на Македонија со одлука на Управниот одбор го продолжи договорот со селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски.

Предводникот на нашиот најдобар национален тим останува на селекторската функција до крајот на квалификациски циклус за пласман на Светското првенство 2026, под истите услови како и досега.

Фудбалската федерација на Македонија, како и досега, ќе биде полна поддршка за селекторот Благоја Милевски и репрезентацијата. Се радуваме на новите предизвици и успеси.  Длабоко сме убедени дека со голема страст и амбиција, селекторот и неговиот тим ќе продолжат да работат за напредок на македонскиот репрезентативен фудбал.

Изминатите неколку месеци и натпреварите кои ги одигра македонската А репрезентација ни потврдија дека заеднички сме на вистинскиот пат. Во тимот се чувствува енергија и амбиција за нови големи резултати и уверени сме дека тоа е неверојатен мотив за работата во иднина“, стои во ставот на Управниот одбор на ФФМ.

Фудбалската федерација на Македонија заради грубо кршење на одредбите на Статутот на ФФМ изрекува суспензија во траење од 2 години на ОФС Струмица. Фудбалските клубови – членки на ОФС Струмица продолжуваат со натпреварувањето во тековното првенство во истиот ранг на натпреварување каде се натпреварувале пред носење на оваа одлука, а во сезоната 2024/25 во рангот каде оствариле пласман.

Членовите на суспендираната членка нема да трпат спортски последици од изречената суспензија односно: Фудбалските судии и контролори, членови на ОФС Струмица продолжуваат со активно вршење на функцијата на листите каде тековно се наоѓаат согласно правилата за судии и судење.

До носење на наредна одлука, Комисијата за регистрација на ОФС Штип ќе ги извршува сите активности согласно своите надлежности и за клубовите и фудбалерите членови на ОФС Струмица.

ПретходноОфицијално: Шишковски си замина од Докса!
СледноНаградите „Златна Олимпија“ по трет пат во рацете на најуспешните спортистки од земјава