Наградите „Златна Олимпија“ по трет пат во рацете на најуспешните спортистки од земјава

106

Македонскиот олимписки комитет (МОК) синоќа на свечена церемонија по трет пат го додели престижните награди „Златна Олимпија“ за 2023 година кои се доделуваат на жените во спортот за нивните врвни достигнувања и успеси.

Традиционално, на овој настан се доделуваат 11 признанија во исто толку категории наменети за најуспешните спортистки, женски спортски клубови и женски спортски работници во олимписките спортови.

Годинешниот лауреат за најуспешна спортистка за 2023 година е Мери Акиевска, нашата национална шампионка во бодибилдинг и светска шампионка за оваа година, титула што ја освои на Светското првенство во Шпанија. За најдобра млада спортистка е прогласена теквондистката Милијана Релиќ која ја заслужи оваа титула по освоениот бронзен медал на Европското првенство до 21 година, како и за освоеното петто место на Европските олимписки игри во Краков, Полска.

Наградата за најдобра женска репрезентација замина кај фудбалската селекција Македонија У17 која се избори за пласман од лига Б во лига А за квалификациите за Европското првенство. Признанието за спортски подвиг на 2023 година го доби Благица Владимирова која го совлада најтешкиот предизвик за искачување во светот, Еверестинг. За таа цел, Владимирова се искачи 19 пати од Средно Водно до врвот на планината, непрекинато во текот на 27 часа, за да ја достигне висината на врвот Монт Еверест од 8848м. надморска височина.

Признанието „Златна Олимпија“ за најуспешна спортистка со попреченост заврши во рацете на Јулијана Петровска поради освоениот сребрен медал во дисциплината скок во далечина на Специјални олимписки игри во Берлин, Германија. За најуспешен женски тренер е прогласена Билјана Црвенковска која како помошник-тренер и помогна на ракометната екипа на „Алкалоид“ во освојувањето на второто место во машката Супер лига на Македонија, а како помошник-тренер со сениорската ракометна репрезентација обезбеди пласман на ЕП 2024 година.

За најуспешна спортска судијка е прогласена Анета Павловска, која суди на најголемите тениски турнири во светот „Ролан Гарос 2023“ и полуфиналиња на „Вимблдон 2023“. Најуспешна спортска менаџерка е Билјана Кузмановска – Николовска која ја доби наградата за нејзината организација на „Визер Скопски маратон“, „Авицена Женска трка“ и „Халк Еко Скопје Ран“, како и за извршување на функцијата национален тренер и селектор во мечување.

Наградата за најуспешна спортска новинарка ја понесе Јана Серафимовa – Петровска, новинарка и водителка на телевизијата Телма и автор на емисијата за спорт „Фер-плеј“. Признанието за најуспешна федерација во унапредување на родовата еднаквост во изминатата година го понесе Велосипедската федерација на Македонија.

На огромно задоволство на присутните, статуетката „Златна Олимпија“ за животно дело отиде во рацете на Катица Димова, членка на југословенската репрезентација во спортска гимнастика и кандидат за Олимписки игри во 1960 година во Рим. Како меѓународен судија, Димова учествувала на Олимписките игри во Сеул во 1988 година. Таа беше селектор и тренер на македонската репрезентација, како и прва продеканка и професорка за настава и наука на Факултетот за физичка култура во Скопје.

ПретходноУО на ФФМ потврди: Продолжен договорот со селекторот Благоја Милевски! Одлука и за ОФС Струмица
СледноШкендија го договори трансферот на Роналдо, ќе и плати отштета на Брегалница!