Шеј Гилџес-Александер е прогласен за спортист на годината во Канада. Кошаркарот на Оклахома Сити Тандер ја освои наградата „Лајонел Коначер“, која секоја година му се доделува на најдобриот канадски спортист. Изборот го прават традиционално новинарите од националната новинска агенција „Canadian Press“.
Тој стана вториот кошаркар кој ја добил оваа награда, по Стив Неш, кој ја доби додека играше за Далас во 2002 година и за Феникс во 2005 и 2006 година.
Оваа сезона во НБА лигата, канадскиот шутер и помогна на Оклахома да се искачи на третото место во Западната конференција со скор 20-9. Гилџес-Александер има просек од 31,1 поен, 5,8 скока, 6,5 асистенции, 2,8 украдени топки и 0,8 блокади по натпревар.
Покрај тоа, 25-годишниот играч минатата година со репрезентацијата на Канада го освои бронзениот медал на на Светското првенство, што веројатно е и главна причина за добивање на оваа награда.