Американската гимнастичарка Симоне Бајлс и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се најдобрите спортисти во 2023 година според Меѓународната асоцијација на спортски новинари (AIPS).
На изборот гласаа 405 новинари од 107 земји.
Бајлс која по двегодишно отсуство се врати на големата сцена и го освои златниот медал во севкупниот натпревар на светското првенство во Антверпен, Белгија и уште три златни медали на греда, на под и во екипна конкуренција освои 353 поени. Втора заврши кениската атлетичарка Фејт Кипјегон, а трета беше шпанската фудбалерка Аитана Бонмати.
Во машка конкуренција Ѓоковиќ ја збриша конкуренцијата. Освојувачот на три од четирите годинешни Грен слем турнири – Австралија Опен, Ролан Гарос и УС доби 616 поени. На второ место се најде шведскиот скокач со стап Арман Дуплантис (335), а на третото аргентинскиот фудбалер Лионел Меси (277).