Пет дена до стартот на Европското првенство во Германија. Македонската ракометна репрезентација денеска ќе одигра уште еден контролен меч против Грција, па во последните три дена до пресметката со Франција ќе ги направи завршните подготовки.
Нашите ракометари вчера одиграа променливи 20. минути против Грција, а потоа влегоа во ритам, допадлив и за публиката која дојде да ги поздрави пред јануарскиот поход и за нив. Триумфот е важен за „билдање“ на самодовербата пред тешките предизвици кои „црвено-жолтите“ ги чекаат на ЕП 2024.
„Среќен сум што сме здрави, со исклучок на Пешевски и Маркоски, со кои денес не ризикувавме. Припремите во Стара Пазова беа напорни, како тактички, така и физички. Сега сме спремни и покажавме против една добра селекција како Грција. Има некои сегменти кои треба да ги подобриме, денеска ќе испробаме уште некои детали кои ги трениравме во овој период. Чест и задоволство е да играте за Македонија. Групата е тешка, но ние одиме до крај. Франција е фаворит за медал, ќе играме против нив на стадион и очекувам многу наши луѓе на трибините. Веруваме во системот на селекторот и тој наш квалитет ќе излезе на виделина“, изјави Филип Кузмановски.
Денешниот меч со Грција е од затворен карактер.