Бранувањата во Македонскиот олимписки комитет (МОК) треба да ескалираат уште во првите месеци во Новата 2024 година. Веќе и официјалнo 32 федерации од вкупно 42 се потпишани на иницијативата за свикување на Вонредно собрание на МОК кое треба да се одржи до март и на кое треба да биде изгласана експресна смена на актуелниот претседател Даниел Димевски.
Хаосот во домашното олимписко движење трае со години, а ескалира по смената на Васил Тупурковски и начиниот на кој Димевски седна на престолот од позицијата советник на премиерот Зоран Заев. И тој момент беше спорен, оспоруван и критикуван, но Димевски остана на функцијата.
Канцеларијата на МОК е во празнична пауза и не работи до вторник 9 јануари кога иницијативата и официјално ќе биде доставена до официјалните тела кои треба да ја спроведат и закажат Собрание.
Веќе е јасно дека МОК како водечка спортска институција во земјава треба да биде обединител на спортот и спортистите, а не полигон за караници и несогласувања.
Даниел Димевски со ништо не заслужил да остане на чело на МОК каде треба сериозна личост, личност кој знае да менаџира, кој е финансиски независен и кој конечно ќе успее да го дигне на високо ниво имиџот на олимпиското движење во Македонија.
Потписите на иницијативата и резултатот од гласањето за доверба ќе бидат доволен доказ за тоа колку спортските федерации се задоволни од работата на Даниел Димевски.