Шпанскиот тениски ветеран Рафаел Надал нема да настапи на првиот Грен слем турнир сезонава – Австралија Опен поради повреда која ја заработи во петокот во Бризбејн во четвртфиналето против Џордан Томпсон.
„По последниот меч во Бризбејн имам проблем со мускулот. Дојдов во Мелбурн и на скенерот е потврдена повреда на мускулот, а барем е добро што не е поврзана со претходната повреда (поради која паузираше речиси цела година).
Не сум подготвен да играм пет сета на највисоко ниво. Се вратив во Шпанија, за третман и одмор. Работев напорно за да се вратам на терените и се надевав дека ќе играм повеќе. За жал сега ќе паузирам, но не се откажувам. Сезоната е долга и ќе играм на други турнири“, истакна Надал.
Шпанецот ќе се спрема за турнирите на кои имаше големи успеси, оние од европскиот Тур во Монте Карло, Барселона, Мадрид, Рим и Ролан Гарос.
Засега нема откажување од егзибицискиот меч на 3 март во Лас Вегас против Карлос Алкараз.