Македонската кадетска репрезентација го завери пласманот на ЕХФ ЕП 2024 година кое ќе се одржи во Црна Гора. „Црвено-жолтите“ беа најдобри кога беше најпотребно, на последниот квалификациски меч го совладаа Косово со убедливи 24-33.
Пецаноски со осум гола беше прв стрелец, зад него беше Трајковски со шест гола.
Противникот беше минимално подобар на почетокот, поведе со 4-2, 5-3 и 6-4. Во 13 минута, Македонија со головите на Петрески и Митев поведе со 6-7 на средината на првото полувреме. Нова серија од три гола донесе предност од 7-10. Најголемото водство нашите момци го имаа пред одморот, 10-15. Косово успеа да намали на 11-15 по првото полувреме.
Пецаноски го отвори вториот дел за 11-16. Од овој момент започна доминацијата на кадетите, на дело покажаа зошто се фаворит на оваа средба и зошто местото им е на еврошампионатот. На средината на второто полувреме водеа со двоцифрени 16-26 и до крајот рутински го приведоа дуелот во своја корист.