Сонувам да играм за Македонија со мојот идол Елиф Елмас!

11495

Дејан Силјаноски за неколку дена ќе наполни 17 години и тоа е момче кое е родено во Белгија и кое во таа земја тргнува во својата фудбалска кариера и бајка дека еден ден ќе биде професионален фудбалер со врвна кариера. Игра на позицијата десен бек, член е на младинската екипа на Мехелен и настапува за младинските селекции на Македонија.

СпортСпорт разговараше со Дејан Силјаноски кој празничната пауза ја користи да се одмори во земјата од која што потекнува.

„Се надевам дека Новата 2024 година ќе донесе многу среќа и радости на сите, а посебно на жителите на Македонија. Лично јас посакувам повеќе зравје затоа што во минатата сезона се борев повеќе со повреди отколку што бев активен на теренот. Сега се е во ред и едвај чекам да се вратам на теренот, онаму каде што сум најсреќен и секогаш мотивиран“, е желбата на младиот талент.

Неговиот најголем сон е еден да заигра во дресот на сениорскиот тим заедно со Елиф Елмас кој е неговиот идол.

„Имам настапи за селекцијата на Македонија до 18 години. Мојот сон е еден ден да играм и за сениорите и би бил пресреќен ако тоа биде со мојот идол Елиф Елмас. Елмас е идол на сите во деца во младинските селекции на Македонија, како што пред тоа беше Горан Пандев. Двајцата се примери како треба да се развиваме ние како помлади фудбалери. Јас лично имам подобри услови за работа од моите врсници тука во Македонија. Во Белгија условите за работа се перфектни, младинските екипи се поставени на максимално професионално ниво. Среќен сум во Мехелен каде во минатата сезона на 17 натпревари постигнав и 6 голови. Оваа сезона сум повеќе повреден, а се надевам дека од пролет ќе идам спремен да им помогнам на моите другари од тимот“.

Како е во Мехелен, кои се предизвиците?

„Јас од 7 години сум на фудбалските терени. Почнав во школата на Бершот од мојот град Антверпен. Потоа во Лирс, Локерен па 4 години во Андерлехт и еве сум сега во Мехелен. Напорно се работи, во тимот сум јас од Македонија, има играчи со потекло од Србија, Албанија и од Африка. Сите сме рамноправни и сите добиваме се што ни е потребно за да се трансформираме во професионални фудбалери. Белгија многу инвестира во младинскиот фудбал. Мислам дека оваа школа е најдобра во последниве неколу години. Се надевам дека за 2-3 години ќе имам настапи и во сениорска конкуренција, а би сакал тоа да биде за Мехелен. Мојото секојдневие се тренинзи и школо. Со воз патувам во еден правец по еден час секој ден. Напорно, е но јас сум по природа бора и сакам понекогаш кога работите се тешки“.

Зошто десен бек и кој ти е омилен гол?

„Десен бек играм од самиот почеток. Зошто таа позиција!? Затоа што сум брз, јак и добар во двата правци. Можеби и тоа дека мојот татко играше на таа позиција, но тоа не беше пресудно. Мој омилен играч ми е Вокер од Манчестер Сити, а среќен сум што на пример лани постигнав добар број на голови. Омилен ми е тој против Гент за резултат 3:3, шут од 25 метри во самиот горен агол. Сакам да давам голови, но јас сум тимски играч и најважен е крајниот резултат на екипата а не индивидуалните статистики“, е коментарот на Дејан Силјаноски кој е син на Драган Силјаноски некогашниот наш репрезентативец и член на Победа, Слога Југомагнат, Шкендија но и белгискиот тим Антверпен.

Редакцијата на СпортСпорт се надева дека сонот на Дејан Силјаноски брзо ќе се оствари, дека во Ноата 2024 година ќе има многу здравје и успех во настапите за неговиот клуб Мехелен.

ПретходноПрвата фаза Вардар ќе ја мине во Гевгелија!
СледноНекогашниот капитен на Ливерпул сака по секоја цена да си бега од С.Арабија, ако треба ќе плати и 7 милиони фунти!