„Кајзер Франц“ – човекот кој направи револуција во фудбалската игра

633

Франц Бекенбауер почина, но неговото име засекогаш ќе биде една од првите асоцијации за фудбалска одбрана. За многумина, Бекенбауер е веројатно најпознатиот дефанзивец во историјата на фудбалот. Човекот кој ја организираше одбранбената револуција со позицијата либеро и стана единствениот дефанзивец кој освоил две награди „Златна топка“.

Веќе на 13-годишна возраст, Бекенбауер покажа дека е голем талент. Како дете на клубот Минхен 1906, кој во 50 -тите беше еден од најдобрите клубови во градот, се издигнува над сите останати во генерацијата, но поради проблеми со парите, газдите на клубот се согласиле целиот свој подмладок да го префрлат во Минхен 1860, тогаш најпопуларниот тим од Баварија.

И тука се задржа краток период, затоа што во финалето на младинскиот турнир, момците од „1860“ играа толку грубо што предизвикаа тепачка. Франц бил погоден во увото и решил веднаш да замине во друг тим, дури и послаб. Тој бил поддржан од неговите соиграчи во соблекувалната, а следниот месец заминал во Баерн.

Родителите на Франц воопшто не верувале во клубот, па затоа се лутеле многу кога нивниот син ја напуштил работата како приправник на агент за осигурување за да се посвети на фудбалот. Сепак, младиот Франц брзо ги разуверил откако го освои првиот голем трофеј со младинскиот тим на Баерн.

На 18 години, неговата девојка забременила и откако стана јасно дека Франц нема да се жени со неа, по протестите на девојката и нејзините родители, Бекенбауер доби забрана да игра за националната репрезентација поради „несоодветно однесување“. Сепак, селекторот на Германија Детмар Крамер, застанал зад талентираниот Франц и успеал да ги убеди официјалните лица дека со овој потег ќе уништат една голема кариера.

На 19 години, Бекенбауер го направил своето деби за Баерн, а на 20 години го носи клубот во Бундеслигата и заигра за германската репрезентација. Дебито беше со победа од 2:1 над Шведска, во квалификациите за Светското првенство во 1966 година во Англија. Навивачите биле фасцинирани од настапот на Франц. На 22 години го освои Купот на победниците на Куповите, а една година подоцна Франц Рот, Сеп Мајер и Герд Милер го избраа за капитен на Баерн, тим во кој остана 19 години и одигра 427 натпревари.

Во доцните 60-ти, тој првпат играше за Баерн како либеро. Но, не класично, туку модернизирно либеро кое не само што е сигурност за дефанзивата, бришејќи им ги грешките на оние пред него, туку и брзо се вклучуваше во нападите. Инспириран од стилот на левиот бек на Интер и на италијанската репрезентација Џакинто Факети, знаеше да помага на сите делови од теренот.

Франц сонуваше да го адаптира стилот кој го вкорени во клубот и во репрезентацијата, но селекторот на Западна Германија, Хелмут Шон, долго време не му дозволуваше да ризикува во националниот тим. За првпат, тој играше либеро само во последниот дел од Евро 1972 година кога Германија го порази СССР со 3:0 во финалето, а Франц ја доби Златната топка на крајот на сезоната.

Во 1977 година наполни 32 години и одлета во Њујорк да потпише за Космос, што страшно ги налути сите. Јуп Дервал не го повика во репрезентацијата, а навивачите го нарекоа предавник. Тоа беше тежок период, бидејќи претходно Франц го доби и прекарот Кајзер. Во 1982 година, Бекенбауер се врати во Бундеслигата, одигра една сезона за Хамбург и повторно одлета во Космос, каде ја помина последната година од својата кариера. Често велеше дека не сака да биде тренер, но во 1984 година беше убеден да ја води германската репрезентација. Франц немаше ни лиценца, па официјално беше наведен како „шеф на тимот“. Под негово водство, во 1986 година, З. Германија стигна до финалето на Светското првенство, а го освои четири години подоцна. По финалето во 1990 година, Бекенбауер ја напушти репрезентацијата.

Повеќе од половина век, во Германија се сменија цели генерации на луксузни дефанзивци, но, се чини едноставно е невозможно да се надмине легендарниот „Кајзер Франц“.

ПретходноКуп на Шпанија: Мадридско дерби во осминафиналето, Столе против Џирона
СледноХаос во Серија Ц: Татко на фудбалер му удри бокс на голманот (ВИДЕО)