Не е злато се што блеска во фудбалот. Но и во елитниот спорт. Со текот на времето, многу спортисти на крајот на кариерите ја потврдуваат суровоста на тоа да се биде на врвот постојано. Тоа му се случи на некогашниот ас на Арсенал, Барселона и француската репрезентација Тиери Анри кој во подкаст раскажа за својата борба со депресијата што ја доживеал и за време на периодот како фудбалер но и како тренер.
„Целата моја кариера сигурно сум бил депресивен. Но дали знаев? Не. Дали направив нешто во врска со тоа? Не. Но, се адаптирав на некој начин. Тоа не значи дека одам право, но важно одам. Треба да ставиш една нога, па друга, така ми велеа уште кога бев мал. И оди, оди, не застанувај…“ вели Анри.
Но за време на Ковид пандемијата го забележал тоа.
„Никогаш не престанав да одам, да бев депресивен ќе забележав тогаш. Лажев многу години, луѓето не беа подготвени да го слушнат ова. Ја почувствував депресијата за време на Ковид пандемијата кога престанав да одам. Тогаш почнав да сфаќам. Бев изолиран во Монтреал и не можев да ги видам моите деца една година, беше тешко. Плачев. Емотивно се распаднав. Не можев да издржам“.