Нашата најдобра ракометна репрезентација и овој јануари ќе има “обврски“ или настап на едно големо натпреварување. А тоа е ЕУРО 2024 кое од 10 до 28 јануари ќе се одржи во Германија. Ја имаме таа чест ова ЕП токму ние, односно избраниците на селекторот Кирил Лазаров, да го отворат против најсилната селекција во светот, против Франција и тоа на стадионот во Дизелдорф пред 50.000 гледачи. Тоа ќе биде спектакл за паметење.
Македонија немаше среќа во ждрепката. Се паднавме во групата – А заедно со Франција, Германија и Швајцарија. Потешко и да сакавме не можевме.
“СпортСпорт“ и на ова ЕП ќе има свој стручен коментатор, а тоа е еден од нашите најпознати ракометни тренери, Ристо Магдинчев. Искусен ракометен стратег, чиј збор и тоа како се почитува и респектира. Магдинчев со своето искуство и знаење само за читателите на „СпортСпорт“ после секој натпревар на Македонија ќе го даде својот стручен коментар, а сега во пресрет на стартот на ЕУРО 2024 има и тоа како што да каже.
-Продолжува континуитетот кога станува збор за нашата ракометна селекција со настапите на едно големо натпреварување. Пред нас е уште едно ЕП на кое Македонија ќе учествува?
“Секако. Континуитетот е запазен од таа 2012 година па наваму. Секако дека убаво е да ја видиме Македонија на уште едно големо натпреварување. Од друга страна јавноста бара резултат, ние мораме да покажеме дека напредуваме со оваа селекција. Сега не може да се бара којзнае што ако се знае во каква група сме, но мора оваа селекција да покаже дека поседува квалитет и да оствари резултат кој би бил задоволителен за нас. Во врска со изјавите дека ќе го дадат својот максимум, тоа е убаво. Нека се бодрат меѓусебе. Тие сами говорат дека се оптимисти, тоа е во ред. Верувам во нив дека ќе го дадат она што го знаат, сепак ќе видиме како ќе биде“ започнува Магдинчев.
И ДА САКАВМЕ НЕ МОЖЕВМЕ ДА СЕ ПАДНЕМЕ ВО ПОТЕШКА ГРУПА
-Факт е дека и да сакавме потешка група да одбереме не можевме тоа да го сториме. Македонија, Франција, Германија и Швајцарија?
“Да, да. И да сакавме потешка група да добиеме, не можевме. Јасно е кои се Франција и Германија, но мене не ми се допаѓа тоа што како да провејува тоа дека нашата шанса е Швајцарија. А во неа играат осум играчи од Бундеслигата, кои се носители во своите клубови, а тука е и Шмид. Секако дека посакувам од срце да успееме, но треба да се биде реален. И тој меч, а ќе биде трет за нас, ќе биде многу тежок за играње. Тешка група, немавме среќа во ждрепката“.
-Првиот меч со Франција ќе биде спектакл?
“Апсолутно. Играме пред 50.000 гледачи и тоа против најсилната селекција. Ќе има многу наши фанови, но ќе има и нивни фанови. Е, сега, треба да се биде реален. Ако ги гледаме противничките играчи, ти треба да бидеш подобар од сите нивни големи светски ѕвезди. Не треба да се трошат зборови околу тоа да сега ние правиме споредба, тоа е разлика, тука нема дилеми. Тоа сите го знаеме. Исто така прашање е што да правиме на овој меч? Да играме со сета сила или да се `чуваме` за следните два меча. Според мене, а сите ние сме свесни за нашите квалитети, тогаш на овие сите три меча треба да одиграме најдобро што можеме, да не се штедиме на ниту еден. Максимално и против Франција, колку што можеме најдобро. Ова ќе биде големо, екстра искуство за нашите помлади ракометари. Па, има ли подобро нешто да играш против една Франција на отворање на едно ЕП?“
-Може ли селекторот Лазаров, како голема светска ракометна ѕвезда, да им укаже на своите избраници како треба да се однесуваат кога играат против таква селекција на Франција. Едноставно психички да ги подготви што ги чека. Да им каже – момци не се плашите, играјте најдобро што можете?
“Нормално. Тоа селекторот го знае и така треба да се постави. Лазаров има играно во тие најсилни лиги во светот, има големо искуство и тоа треба да го пренесе на своите момци. Од друга страна ние имаме проблем. Имено ние после Манасков и Лазаров, не успеавме да создадеме лидер, играч преку кого ќе оди целата екипа. Ние не `извадивме` играч кој ќе биде носител на теренот, лидер, кој ќе ја преземе одговорноста во пресудните моменти“.
ТРЕБА ДА И СЕ ДАДЕ СЕТА ПОДДРШКА НА ОВАА СЕЛЕКЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА
-Во неколку наврати ракометарите побараа поддршка од јавноста, од фановите, од цела ракометна Македонија? Вашите желби и очекувања од нашата репрезентација?
“Па, нормално. Тука нема дилеми. Кога игра Македонија на еден ваков настан треба и се даде апсолутна поддршка. Пред се да дадат се од себе. Потоа дали постои можност да `испливаат` на површина два-три ракометари, кои ќе бидат кадри на следното СП да бидат носители на играта? Да се прикажат на високо ниво, тоа што го знаат да го прикажат. Не треба само да `остават срце на терен`, да, тоа да го направат, но да и одиграат и паметно, да покажат што знаат. Според мене во оваа селекција се двајца од кои веднаш можат да играат во Бундеслига, во Франција, а тоа се Митев и Лазаревски. По мене Митев е најперспективниот. Има решение, паметен е, експлозивен, ја размрдува одбраната. Во наредниот период тој треба да биде носител на играта. Лазаревски многу напредна.Тие треба да `скокнат` на ова ЕП. Не велам дека другите да застанат, но од овие двајца јас очекувам многу. Во врска со списокот на играчи во глобала и генерално тоа е тоа. Можеби имаше место за двајца -тројца други, но тоа е работа на вкусови и различни мислења. Сега да не влегуваме во детали. Сепак списокот е одлука на селекторот и тоа е тоа“.
-Според вас кои селекции се најголеми фаворити за висок и највисок пласман?
“Скандинавските земји, Данска, Норвешка и Шведска, потоа Франција, Шпанија, Германија како домаќин. Значи не сум кажал ништо ново. Хрватска поседува авторитет, Србија има добра селекција, Холандија да играше Каи Смит ќе беше нешто сосема друго, тука е Португалија. Во секој случај ова ЕП ќе биде квалитетно, ќе има интересни натпревари. Ќе дојде до израз таа брза игра, брза транзиција, индивидуалните квалитети. Сепак според мене Данска е пик бр.1, па Шведска, Франција како што реков“заврши Магдинчев.