Македонија на отворањето на ЕУРО 2024 доживеа пораз од Франција. Резултатот на крајот беше 29:39, секако дека поразот е висок, но сепак игравме против најсилната селекција во светот, барем според имињата.
За тоа како го виде овој натпревар свој стручен коментар дава за „СпортСпопрт“ Ристо Магдинчев, нашиот специјален коментатор кој и на ова големо натпреварување за нашите читатели ќе ги коментира настапите на нашата ракометна селекција:
“Пред да кажам било што, треба да се знае дека вечерва Македонија играше против Франција. Тоа е репрезентација за која не треба да се трошат зборови. Како што се виде, почнавме добро. До таа 15 минута имавме и водство. И тоа благодарение на дисциплината во нападот, смиреноста, а во одбраната само поради Митревски кој во првиот дел имаше 8 одбрани, зицери беа тоа. Имавме добар резултат, Македонија изгледаше добро, тука нема дилеми. Потоа Жил зеде тајм-аут и Франција направи серија со која дојде во водство, но ние пак бевме тука, резултатски мислам. Генерално квалитетно во нападот, но во обраната не“ вели Магдинчев.
Потоа дојде второто полувреме во кое Франција си го искажа својот квалитет и успеа да победи и тоа со 10 разлика:
„Мислам дека не требаше толку да се инсистира да играме во нападот 7-6. Кога играш така тогаш бековите тешко се решаваат за шутеви. Кај нас речиси половина од головите ги постигнаа пикерите, додека крилата ги немаше никаде. Според мене подобро ќе беше да играме 6-6. Пак ќе се вратам на одбраната, посебно кај 3-4. Противникот тоа убаво го забележа најчесто тука пробиваше, тука се градеа акциите за нивните крила кои ние не успеавме да ги `фатиме` што се вели. Потоа на ред дојдоа нашите проблеми во транзицијата, губевме лесно топки, многу топки беа загубени и тоа непотребно. И на крај, после таа 45 минута како да не фати некаква меланхолија, не бевме агресивни, Франција потоа лесно ја билдаше разликата. Се покажа дека уште еднаш дека во тие моменти ни недостига лидер на теренот, кој ќе им укаже, ќе им викне ако треба, ќе ги подигне соиграчите. Ние овој проблем мораме да го решиме. Да кажам за Кузмановски и Талески нешто. Од нив и јас очекував повеќе, па тие сега треба да бидат нашата сила, ама се забележа дека им недостига минутажа. Генерално да завршам добри први 20 минути, според посакувањата, и јас бев задоволен, верувам како и сите наши фанови, па и играчите и селекторот, а потоа од тоа што го видов сметам дека можеше и мораше да биде подобро. Интересно, немаше ниту едно исклучување, што е раритет. Реков на почетокот, со тоа и ќе завршам. Да не заборавиме кој ни беше противник, една Франција. Сега следуваат средбите со Германија и Швајцарија, секако дека давам поддршка за нашата репрезентација“ заклучи Магдинчев.