Чао Дизелдорф: Спектакл – за кого како!

938

СпортСпорт во Дизелдорф, Марија Ковачева

Ги пакуваме куферите – следна станица Берлин.

Кога стапнав во „Мекур Шпил Арена“ бев воодушевена не само од брзината со која Германците го трансформираа стадионот во сала, туку успеја да згрејат едно „чудовиште“ до точка да ти стане претопло.

На денот на натпреварите и по завршување на истите, чувството беше поинакво. Во глава се уште ми оддекнуваат зборовите на една од многуте светски ѕвезди во составот на француската репрезентација Дика Мем во микс-зоната: Спектал само за Германците, атмосферата ќе биде жешка само за Германците.

И така беше…

Утрово чувствувам празнина која дефинитивно не доаѓа од крајниот исход меѓу Македонија и Франција, тоа сум сигурна. Момците на Кирил Лазаров играа против актуелен олимписки првак. Тука нема што да бараме, ниту да сонуваме.

Нашите момци можат само да бидат побогати за едно искуство, кое вели: Кога играш против еден Дрим-тим како што има Франција, недозволиви се 14-те технички грешки.

Нема да влегувам подблабоко бидејќи во последните неколку години некако се уморив обидувајќи се да ги свестам Македонците за нивото на кое се наоѓа македонскиот спорт општо и и дека освен ракометот на национално ниво – немаме на што друго да се радуваме.

Ниту Кирил Лазаров, ниту било кој да дојде на чело на репрезентацијата не може за еден месец да направи чудо.

Што ќе посееш преку годината – тоа ќе жнееш. Се почнува од индивидуалецот, начинот на кој вложува во себе како спортист, па се до клубовите. Прочитав дел од анализите на „стручњаците“, од првенство во првенство ми стануваат пресмешни. Бидејќи дел од нив се тие кои вложуваат во напредокот на македонскиот ракомет ама прашањето е како? Ако застанат пред огледало, би требало да си признаат колку навистина вложуваат, колку им даваат шанси на македонските ракометари…

Не може да се споредуваме во овој момент ниту со Швајцарија, но таа е вистински пример што значи да играш против фаворит. Оваа репрезентација која во составот има ракометари кои играат во Бундес-лигата, еден прв стрелец во таа лига, другиот е прва стрелец во Европската лига, против Германија изгледаше како првпат да стапнала на терен. Во второто полувреме Швајцарија долго време беше без гол, во 54 минута го постигна третиот гол во второто полувреме. Таков е ракометот: игра на големи и мали.

Ќе ја паметиме бројката 53.586

Ќе се навратам на спектаклот. 53.586 гледачи на еден натпревар, бројка која остане запишана во историјата на ракометот.

Искрено, среќа што на стадионот се игра само едно коло и ќе се вратиме во сала. Патот кој еден новинар треба да го помине до трибините, а притоа да се врати назад во микс-зоната и на прес-конференција е хорорен.

Тука домаќинот малку повеќе потфрлил. Беше вистински хаос, не знаеш од која врата влегуваш, која треба следна да ја отвориш, низ кој ходник треба да се поминеш. Ракометот не е спорт за стадион. Па не можевме да ги препознаеме нашите ракометари, кој дал гол, кој ја загубил топката…Освен за Никола Митревски, за сето останато стопати се препрашувавме и проверувавме.

Во сета напнатост горе кај гулабите, душата ми ја разгалуваа македонските фанови, иако стадионот беше преголем, сепак нивното навивање постојано се слушаше. За мене – најголемата позитива на вечерта. „Фалангата“ секој јануари е најголем декор на големите натпреварувања.

Овој јануарски поход продолжува, како ќе го доживееме е индивидуално. За мене чест е што барем една од македонските репрезентации се уште е на големите натпреварувања секоја година, ова е 13-ти шампионат за ракометарите.

Затоа уживајте, во целото сивило имаме една светла точка!

Се гледаме во Берлин!

ПретходноМакедонија со нов претседател на МОК на игрите во Париз!
СледноГолот на Лазаревски меѓу петте најдобри во 1 коло од групата А (видео)