Фудбалската федерација на Бразил го назначи наследникот на Фернандо Диниз на клупата на националниот фудбалски тим. Тоа е искусниот локален тренер Доривал Јуниор кој го напушти Сао Пауло после нецели два месеци за да ја прифати селекторската улога што е прво вакво искуство. ФФ на Бразил ќе му плати на Сао Пауло отштета од 370.000 евра за неговата слобода.
Тој ќе го предводи Бразил на Копа Америка оваа година како и низ квалификациите за СП 2026 и на самиот турнир (доколку Бразил се пласира).
Бразил минува низ турбулентен период по елиминацијата од Хрватска на СП 2022 во Катар. По отказот на Тите, тимот кратко го предводеше тренерот на У20 тимот Рамон Менезес, а по него беше назначен Диниз. А Диниз доби отказ во петокот, а претходно долго време се зборуваше дека Карло Анчелоти ќе ја предводи селекцијата но од тоа не излезе ништо.
Доривал е непознато име за нас, но е познато во Јужна Америка. Тој работел во речиси сите бразилски фудбалски великани: Атлетико Минеиро, Атлетико Параненсе, Сантос, Интернационал, Фламенго, Флуминенсе, Васко да Гама и Палмеирас.
Со Фламенго ја освои титулата во Копа Либертадорес (2022) и бразилскиот Куп пред да се пресели во Сао Пауло.
Што се однесува до квалификациите за СП 2026, Бразил е шести на табелата по две победи од шест натпревари и претрпе три порази.
Доривал ќе има сериозна задача да го реконструира тимот и да го подигне моралот, а ќе го нема на располагање Нејмар кој поради сериозна повреда ќе го нема долго време.