ЕП 2024: Србија испушти победа, магичен кам-бек на Исланд

413

Србија наместо победа, ќе мора да биде задоволна со бод против Исланд. Ракометарите на нашиот северен сосед на три минути до крајот водеа со три гола разлика, но Исланд успеа да се врати и да се избори за реми 27-27.

Елисон постигна седум гола, Гудјосон шест погодоци, на другата страна Пешмалбек имаше пет од пет.

Со цврста одбрана започна пресметката меѓу Исланд и Србија, а свое шоу имаа и голманите на двете страни. Милосављев имаше осум одбрани по првите 30 минути, додека Халгримсон запиша десет интервенции.

До десетата минута паднаа вкупно четири гола (2-2), на средината на овој период беше 3-3, а по последното израмнување (4-4), Исланд ја искористи брзоплетоста на Србија во нападот и лесно дојде до 7-4. Сепак избраниците на Тони Џерона се вратија по тајм-аутот, со серија од 3-0 израмнија на 7-7. Исланд уште еднаш дојде на плус три (10-7), Борзаш и Пешмалбек го вратија својот тим, на одморот резултатот беше 11-10.

Србија во вториот дел приреди пресврт, Вејн, Кукиќ и Којдиновиќ ја вратија предноста на 13-15 во 40. минута, а нешто подоцна беше 14-17. Ракометарите на нашиот северен сосед во последните десет минути влегоа со истата позитива од три гола (19-22). Србија остана без Марсениќ во важните моменти, а Исланд беше на гол до два разлика, пристискаше постојано.

На три минути до крајот, се чинеше дека „орлите“ се блиску до победата, имаа предност од три гола 24-27, но Исланд магично се врати, израмни на 27-27 за драма во финишот. Палмарсон и Гудјосон донесоа реми, постигнаа два гола во последните 30 секунди.

Во групата Б, Австрија ја совлада Романија со 31-24.

ПретходноКатар со победа тргна во одбрана на титулата на Азискиот куп
Следно„Ако можеме да земеме и 10 милијарди евра од ПСЖ, ќе земеме!“