Преодниот рок за фудбалери во Македонија почнува во понеделник на 15 јануари, а веќе на големо се работи за реализација на иницијативата – фудбалерите од регионалните земји да не бидат третирани како странци во Македонија. ФФМ во консултации со надлежни органи околу законите за работни односи бара начин како да го реализира ова барање што е можно поскоро, а по иницијатива од прволигашите кои имаа средба со претседателот Муамед Сејдини во деновите пред Новата година.
Според најавите играчите од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Албанија не би биле странци во земјава. Ваквата најава е очекувана и еден вид на реципротитет со оглед на тоа дека во споменатите земји фудбалерите од Македонија веќе играат како домашни играчи и тоа веќе неколку години.
Во моментов секој прволигаш во земјава има право на 4 странци без плаќање на котизација кон ФФМ, а постои можност за плус 4 странци, но за секој се плаќа од 5.000 евра до 20.000 евра за осмиот.