Втор пораз на ЕП: Македонските ракометари немоќни пред германската машинерија (ФОТО)

414

СпортСпорт во Берлин, Марија Ковачева

Македонската ракометна репрезентација го запиша вториот пораз на Европското првенство. Избраниците на Кирил Лазаров беа убедливо совладани од Германија со 25-34 во рамките на второто коло. Шанса за прва победа нашите момци ќе имаат за два дена против Швајцарија.

Трибините во „Мерцедес Бенц Арената“ беа преполни. Атмосферата беше навистина одлична, домаќинот се погрижил за секоја детал, едноставно беше уживање за сите домашни фанови.

Она што требаше да биде на ниво на задачата повторно потфрли, одбраната беше мека, а техничките грешки се редеа како на лента. Сценарио кое против една Германија е погубно.

Германија почна во свој стил, цврста одбрана и брзи голови. На другата страна кај нас во првите седум минути единствен кој имаше храброст да напаѓа на гол беше Томи Јагуриноски. По неговиот втор гол за 2-3, на другата страна Германците вратија за 2-4 во седмата минута. Кузмановски не успеа да реализира од седум метри, на голема среќа Митревски одбрани, па Костески, а потоа и Талески намалија на 4-5 во 10. минута.

Следеше фуриозен бран на Германија од две минути и четири гола за 4-9 во 14 минута. Нашите ракометари влегоа во серија на технички грешки, па Лазаров повика тајм-аут. Митев и Петар Атанасијевиќ одговорија за 6-9. Кузмановски направи две нови технички грешки, останавме со играч помалку, а Германија повторно казни, во 25. минута на семафорот стоеја највисоки 9-16. Лазаров направи измена на голот на местото на Митревски влезе Томовски. На одморот резултатот беше (13-18).

Во второто полувреме, Германија отвори со серија од 3-0 и поведе со 13-21. По едно вакво сценарио беше тешко да се направи било што, иако во девет минути во овој дел бевме рамноправни. Атмосферата го носеше домашниот тим, па во 50. минута ја запиша првата двоцифрена предност од 21-31. До крајот беше чиста рутина за Германија, за нас уште една голема лекција.

Костески постигна шест гола, по четири имаа Пешевски и Јагуриноски.

Претходно„Ел Класико“ хет-трик на Винисиус, Реал по 13-ти пат со Суперкуп трофејот (ВИДЕО)
СледноЛазаров: Со толку дадени топка в рака на противникот, не може да се игра со Германија