СпортСпорт во Берлин, Марија Ковачева
Македонската ракометна репрезентација по првото полувреме против Германија во рамките на второто коло во групата А на ЕП има негатива од 13-18. Ненад Костески со три гола е прв стрелец, по два имаат Лазаревски, Јагуриноски, Митев и Никола Костески.
Пред полни трибини во „Мерцедес Бенц Арената“ се игра мечот меѓу Македонија и Германија. Атмосферата е навистина одлична, домаќинот се погрижил за секоја детал кога игра германската репрезентација.
Одбраната е нашиот проблем, дефанзивата е премека за оваа Германија, а згора на се „црвено-жолтите“ повторно редеа технички грешки, кои брзо беа казнувани. Ги немаме во вистинско светло Кузмановски и Талески.
Противникот почна во свој стил, цврста одбрана и брзи голови. На другата страна кај нас во првите седум минути единствен кој имаше храброст да напаѓа на гол беше Томи Јагуриноски. По неговиот втор гол за 2-3, на другата страна Германците вратија со два гола во низа за 2-4 во седмата минута. Кузмановски не успеа да реализира од седум метри, на голема среќа Митревски одбрани, па Костески, а потоа и Талески намалија на 4-5 во 10. минута.
Следеше фуриозен бран на Германија од две минути и четири гола за 4-9 во 14 минута. Нашите ракометари влегоа во серија на технички грешки, па Лазаров повика тајм-аут. Митев и Петар Атанасијевиќ одговорија за 6-9.
Кузмановски направи две нови технички грешки, останавме со играч помалку, а Германија повторно казни, во 25. минута на семафорот стоеја највисоки 9-16. Лазаров направи измeна на голот на местото на Митревски влезе Томовски. До одморот успеавме да симнеме до пет гола негатива, пред звукот на сирената не реализиравме напад (13-18).