„Ел Класико“ хет-трик на Винисиус, Реал по 13-ти пат со Суперкуп трофејот (ВИДЕО)

1127

Екипата на Реал (М) по 13-ти пат во историјата го освои шпанскиот Суперкуп. Вечерва во „Ел Класико“ финалето кое се одигра во Ријад, С. Арабија, момците на Карло Анчелоти беа за класа подобри од вечниот ривал и му нанесоа тежок пораз од 4:1.

Уште по само 11 минути игра, Реал имаше предност од 2:0. Винисиус Жуниор во 7. и 11. минута двапати го погоди голот на Пења и успеа да и донесе голема предност на својата екипа. Истиот фудбалер постигна и трет гол за Реал во првото полувреме, откако претходно Барселона преку Левандовски намали на 2:1 во 33. минута.

Третиот гол на Винисиус дојде од пенал во 39. минута и со тој резултат, 3:1 се отиде на полувреме.

Во вториот дел не се промени многу сликата на теренот. Реал повторно се потруди брзо да ја зголеми предноста, откако Родриго погоди во 64. минута за 4:1. Барселона мечот го заврши со играч помалку по исклучувањето на Араухо во 71. минута.

Во ерата на овој формат на шпанскиот Суперкуп со учество на четири екипи, ова е трета титула за „кралскиот клуб“, откако го освојуваше трофејот и во 2022 и 2020 година. Барселона и натаму останува рекордер со 14 трофеи во ова натпреварување.

ПретходноАстон Вила купи десен бек од Ц. Звезда за 9 милиони евра!
СледноВтор пораз на ЕП: Македонските ракометари немоќни пред германската машинерија (ФОТО)