СпортСпорт во Берлин, Марија Ковачева
По денешниот пораз од Германија, селекторот Кире Лазаров смета дека повторно ни се повторија оние бројни технички грешки и продадени топки во нападот, со кои тешко беше да се игра против домаќинот на првенството.
„Искрено не можам да бидам задоволен од она што го прикажавме. Имавме добри моменти како и на средбата со Франција, но и слаби моменти. По некоја слободна проценка имавме повторно над 15 технички грешки. Тогаш не можеме ниту да поставиме одбрана со дадени топки во рака. Германија е цврста репрезентација, се обидовме да бидеме компетитивни, но лошо започнавме. Потоа цело време се обидувавме да воспоставиме играчка рамнотежа, но колку повеќе трошевме сила, тие знаеја да дадат 3-4 гола по ред и да го решат противникот. Во овој момент Германците се класа подобри од нас. Видовме како трчаат, како шутираат, како се движат, но и ние имавме светли моменти, па тоа е. Видовте млади македонски играчи, треба да се работи и натаму, а во овој момент не е реално да очекуваме победи против Франција и Гермнаија. Имаме еден ден да се фокусираме, да ги средиме главите, и да се обидеме против Швајцарија, против која нема да биде лесно“, вели Лазаров.