Македонија вечерва во Берлин доживеа уште еден убедлив пораз на ова ЕУРО 2024, овојпат од силната репрезентација на Германија со 34:25. За тоа како го оценува овој натпревар од аспект на нашата репрезентација, за читателите на „СпортСпорт“ свој коментар дава нашиот коментатор Ристо Магдинчев:
“Нема што многу да се детализира или анализира. Повторно на сцена нашата стара болка, а тоа е играта во одбрана. Нема подобрување, на секоја позиција одбраната, на 2,3,4,5 беше лесно да се пробива. И тоа Германците веднаш го видоа и го користеа. Немаше никаква соработка меѓу Талески, Кузмановски, Омерагиќ, Марковски, немаше контакт игра, едноставно немаше одбрана. Што и да направеа Германците тоа им поминуваше.Тие 5-1 во нашата одбрана не функционираа, бевме немоќни, потоа се вративме на тие 6-0“.
Што се однесува до нападот, Магдинчев беше дециден:
“Во нападот солидно одигра Јагуриновски, Костески и тоа како со тие шест голови, но видете, Јагуриновски имаше и пет загубени топки. Митев кога влезе се забележа дека донесе сигурност, дека ја размрда нашата игра со своите потези, потоа со него ја држевме таа пристојна негатива, ако може така да се каже. Но пак ќе речам, кога ќе се загубат 20 топки тогаш што да каже, како сакаш добар резултат кога имаш толку загубени топки, а од контри противникот ти ја полни мрежата. Голманите Томовски и Митревски заедно имаа само 7 одбрани ако не се лажам, но тоа е поради порозноста на нашата одбрана, па што ќе прават тие кога ги оставаш сами пред противничките ракометари“.
Талески и Кузмановски заедно постигнаа само еден гол.
“Лоша партија и на двајцата уште еднаш. Навистина не можам да сфатам како играат тие. Па тие треба да бидат лидери на оваа селекција на Македонија, видете ги што прават. Не сакам да коментирам веќе за нивниот придонес“.
За два дена играме со Швајцарија…
“Мораме, ама баш мораме на тој последен меч да покажеме повеќе. Да, Швајцарија е силна селекција, но Македонија може и мора да биде подобра, да одигра на повисоко ниво од она што го видовме вечерва против Германија. Секако јас тоа го посакувам од срце“ заврши Магдинчев.